Воведување на Национална Програма за консолидација на земјиште (MAINLAND)

©FAO

Мнозинството земјоделски стопанства во Република Северна Македонија се со површина помала од два хектари, наспроти земјоделските стопанства во Европската унија чија просечна големина изнесува 16,6 хектари. Составени се од повеќе парцели (околу седум) – честопати просторно оддалечени едни од други и без пристап до наводнување и патна инфраструктура. Расцепканоста, како на сопственоста, така и на користењето на земјоделското земјиште, е еден од најголемите предизвици за земјоделскиот сектор во земјата, кој има негативни ефекти врз продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на земјоделските стопанства и оневозможува модернизација и остварување на економија од обем.

Проектот финансиран од Европската унија и ФАО "Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште" (MAINLAND) имаше за цел да ја подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор во Република Северна Македонија во согласност со барањата за пристап кон Европската унија.

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ

Проектот финансиран од Европската унија и ко-финансиран од ФАО – МАИНЛАНД - го спроведе ФАО во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на Северна Македонија.

Во периодот од 2017 до 2022 година, проектот обезбеди поддршка на МЗШВ во спроведување и управување на Националната програма за консолидација на земјоделското земјиште, преку градење на експертиза и зајакнување на техничките и административните капацитети на Министерството и клучните засегнати чинители на национално и локално ниво, и во јавниот и во приватниот сектор.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Главна цел на проектот беше да им се помогне на земјоделците, сопствениците на земјоделско земјиште и рурални заедници во Северна Македонија да ги надминат проблемите кои произлегуваат од неповолната структура на земјоделското земјиште како главен ресурс за економските активности во руралните области, а во насока на:

  • зголемување на конкурентноста на земјоделското производство;
  • подобрување на условите за живот и
  • овозможување на одржливо користење на природните ресурси во руралните средини.

Мултимедиа

ПЕТ КЛУЧНИ АКТИВНОСТИ

Подигнување на свеста

Подигнување на свеста

Со цел да се подигне свеста, разбирањето и интересот за консолидација на земјоделското земјиште меѓу локалните засегнати страни, проектот, во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство организираше јавни кампањи, работилници и локални информативни состаноци во руралните заедници, како и директни средби со земјоделците низ целата држава и во избраните консолидациони подрачја. Преку медиумски настани, теренски посети и широк опсег на алатки за комуникација, проектот ја информираше јавноста за тоа како Европката унија, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работат заедно да ја поддржат консолидацијата на земјоделското земјиште во Северна Македонија.

Развој на знаење и капацитети

Развој на знаење и капацитети

Вклучување на ФАО експертиза при зајакнување на техничките и административни капацитети на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (на централно и локално ниво), како и на клучните национални агенции и приватните вршители на услуги од областа на консолидација на земјиште, беше суштинска компонента на проектот MAINLAND. Програми за обуки адаптирани за различни целни групи, помогнаа во градење и зајакнување на капацитетите за успешно управување со и спроведување на Национална програма за консолидација на земјоделско земјиште.

Процедури за администрирање и управување

Процедури за администрирање и управување

Развојот на процедури и алатки за администрација и управување со Националната Програма за консолидација на земјиштето беше клучна компонента од МАИНЛАНД, вклучително активности за:

  • дополнително подобрување на националната правна рамка како основа за оперативна Национална програма за консолидација на земјиштето;
  • креирање на институционална рамка за консолидација на земјиште (подготовка на процедури за селекција на проекти за консолидација на земјиште, Студии за оправданост за консолидација (физибилити студии), планирање на распределба на земјиштето и дизајнирање на потребна земјоделска инфраструктура, подготовка и целосна имплементација на проекти за консолидација на земјоделско земјиште итн.);
  • подготовка на Мерка за поддршка на консолидацијата на земјоделско земјиште и интегрирана рурална инфраструктура, во рамки на Националната програма за поддршка на руралниот развој;
  • развој на дигитални алатки за Националната програма за консолидација на земјиште.

Проекти за консолидација на земјиште

Проекти за консолидација на земјиште

Подготовка и имплементација на изводливи проекти за консолидација на земјиште.

Врз основа на Студија за оправданост на цела територија на Република Северна Македонија, проектот ги идентификуваше најпогодните области во државата со најголема потреба и потенцијал за консолидација на земјоделско земјиште.

Беа избрани вкупно 21 рурално подрачје со најголем потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиште. 

Оцена на изводливоста за консолидација на земјиште (физибилити студии) се спроведе во 14 подрачја - Логоварди, Оптичари, Трн, Жабени (Општина Битола), Соколарци, Спанчево, Чешиново, Чифлик (Општина Чешиново-Облешево), Дабјани (Општина Долнени), Конче (Општина Конче), Кожле (Општина Петровец), Царев Двор (Општина Ресен), Стојаково (Општина Богданци) и Лешани (Општина Дебарца).

По физибилити студиите, беа изработени Планови за распределба на земјиштето во 9 подрачја (Конче, Егри, Логоварди, Оптикари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево) придружени со планови за подобрување на земјоделската инфраструктура, а целосна изградба на земјоделска инфраструктура успешно се реализираше во едно консолидационо подрајче -  с. Егри (Општина Битола).

 

 

 

 

 

Мониторинг и евалуација

Мониторинг и евалуација

Проектот воспостави рамка (процедури и алатки) при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за следење и евалуација на резултатите и влијанието на тековните и идни проекти од Национална програма за консолидација на земјиште, вклучително системски скрининг на нивните влијанија врз животната средина и социо-економските аспекти, земајќи ги предвид националната правна рамка и критериумите на Европската унија. Проектот, исто така, помогна во одредување на потребите за развој на интегриран Регистар за управување со земјиштето при МЗШВ како поддршка во спроведување на Националната програма за консолидација на земјиште.

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ

  • Зголемена свест и разбирање за консолидацијата (окрупнувањето) на земјоделско земјиште од страна на земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште, како и клучните локални засегнати страни;
  • Идентифукувани најпогодни области за консолидација на земјоделско земјиште во земјата;
  • 21 селектирани консолидациони подрачја, 14 физибилити студии за консолидација, 9 планови за распределба на земјоделско земјиште дизајнирани и усвоени, 1 имплементиран проект за консолидација со изградена земјоделска инфраструктура;
  • Зајакнати административни и управувачки капацитети за спроведување на Националната Програмата за Консолидација на Земјоделско Земјиште;
  • Воспоставена рамка за мониторинг и евалуација на проектите за консолидација на земјоделско земјиште (вклучително проценка на влијанието врз животната средина и социо-економските состојби)

НОВОСТИ

Љупчо Ангеловски е млад семеен земјоделец од село Егри, Северна Македонија, кој потекнува од семејство со долга традиција во земјоделско производство. Oткако преземал водечка улога во семејното земјоделско стопанство, тој ја сфатил важноста на модернизирање на производството и воведување на одржливи, продуктивни земјоделски практики. Но, неговото земјиште беше расцепкано на 15 мали парцели оддалечени на различни локации. 

Љупчо е силен застапник за консолидација на земјиште и еден од 214 сопственици на земјиште кои учествуваат во проектот МАИНЛАНД во Егри. Тој е многу среќен што Егри е првиот проект за консолидација на земјиште во Северна Македонија по принципот на распределба со промена на границите, откако Планот за распределба на земјиштето беше усвоен со мнозинство гласови на сопствениците во јануари 2020 година. Планот за распределба на земјиштето во Егри кој зафаќа 336 ха земјоделско земјиште, резултираше со скоро четирикратно намалување на бројот на парцелите (од 874 на 260), со просечна големина на парцела од 1,30 ха, во споредба со 0,38 ха пред консолидацијата. Парцелите сега имаат правилна форма и овозможуваат подобри земјоделски практики. 

Преку проектот МАИНЛАНД, земјиштето на Љупчо е консолидирано во три парцели со правилна форма и просечна големина од два хектари, за разлика од само 0,4 хектари претходно. Парцелите сега имаат подобар пристап до земјоделската инфраструктура, благодарение на проектот кој ги подобрува пристапните патишта и системите за одводнување и наводнување. Овие подобрувања се очекува да ја зголемат ефикасноста на користењето на земјиштето, да ги подобрат приносите и да овозможат модернизација, поголема продуктивност и конкурентност на земјоделското производство.

За младите земјоделци во македонското село Спанчево, консолидацијата на земјоделското земјиште е многу повеќе од едноставно окрупнување на парцелите. Консолидацијата е можност да се подобри целокупната структура на земјоделското земјиште, вклучително и земјоделската инфраструктура - подобар пристап до нивите и јавните патишта, како и обновување на системот за одводнување. 

Преку одржливо управување со земјоделското земјиште и водните ресурси, малите земјоделци во Спанчево не само што ќе можат да ја подобрат сигурноста на храната и нивната отпорност, туку и да ја пренесат традицијата на оризопроизводството на помладите генерации.

 

 

Share this page