Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште (MAINLAND)

©FAO/A. K. Kimoto

Мнозинството земјоделски стопанства во Република Северна Македонија се со површина помала од два хектари, наспроти земјоделските стопанства во Европската унија чија просечна големина изнесува 16,6 хектари. Составени се од повеќе парцели (околу седум) – честопати просторно оддалечени едни од други и без пристап до наводнување и патна инфраструктура. Расцепканоста, како на сопственоста, така и на користењето на земјоделското земјиште, е еден од најголемите предизвици за земјоделскиот сектор во земјата, кој има негативни ефекти врз продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на земјоделските стопанства и оневозможува модернизација и остварување на економија од обем.

Проектот финансиран од Европската унија и ФАО "Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште" (MAINLAND) има за цел да ја подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор во Република Северна Македонија во согласност со барањата за пристап кон Европската унија.

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ

Проектот финансиран од Европската унија и ФАО – МАИНЛАНД - го спроведува ФАО во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на Северна Македонија.

До 2022 година проектот ќе му помогне на МЗШВ да ја спроведува и управува Националната програма за консолидација на земјоделското земјиште, преку градење на експертиза и зајакнување на техничките и административните капацитети на Министерството и клучните засегнати чинители на национално и локално ниво, и во јавниот и во приватниот сектор.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Главна цел на проектот е да им се помогне на земјоделците, сопствениците на земјоделско земјиште и локалните рурални заедници да ги надминат проблемите кои произлегуваат од неповолната структура на земјоделското земјиште како главен ресурс за економските активности во руралните области, а со цел:

  • да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство;
  • да се подобрат условите за живот во руралните средини;
  • да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Мултимедија

ПЕТ КЛУЧНИ АКТИВНОСТИ

Подигнување на свеста

Подигнување на свеста

Со цел да се подигне свеста, разбирањето и интересот за консолидација на земјоделското земјиште меѓу локалните засегнати страни, проектот, во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство организираат јавни кампањи, работилници во локалните заедници, локални информативни состаноци, како и директни средби со земјоделците низ целата земја и во избраните консолидациони подрачја. Преку медиумски настани, теренски посети и широк опсег на алатки за комуникација, проектот ја информира јавноста за тоа како Европката унија, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работат заедно да ја поддржат консолидацијата на земјоделското земјиште во Северна Македонија.

Развој на знаење и капацитети

Развој на знаење и капацитети

Внесување на експертиза од ФАО и зајакнување на техничките и административни капацитети на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на централно и регионално ниво, како и на клучните национални агенции и приватните вршители на услуги, е во суштината на напорите на проектот MAINLAND. Програми за обуки, наменети за различни целни групи, помагаат во градење и зајакнување на капацитетите за успешно управување со и спроведување на Национална Програма од неколку проекти за консолидација на земјоделско земјиште во исто време.

Процедури за администрирање и управување

Процедури за администрирање и управување

Развојот на процедури и алатки за администрација и управување со Националната Програма за консолидација на земјиштето има за цел да постигне преку активности за:

  • Дополнително подобрување на националната правна рамка како основа за оперативна национална програма за консолидација на земјиштето;
  • Креирање на институционална рамка за консолидација на земјиште (подготовка на процедури за селекција на проекти за консолидација на земјиште, Студии за оправданост за консолидација (физибилити студии), планирање на распределба на земјиштето и дизајнирање на потребна земјоделска инфраструктура, подготовка и целосна имплементација на проекти за консолидација на земјоделско земјиште итн.);
  • Подготовка на мерка за поддршка на консолидацијата на земјоделско земјиште и интегрирана рурална инфраструктура, во рамки на Програмата за поддршка на руралниот развој;
  • Развој на дигитални алатки за Националната програма за консолидација на земјиште.

Проекти за консолидација на земјиште

Проекти за консолидација на земјиште

Подготовка и имплементација на добри и изводливи проекти за консолидација на земјиште. Врз основа на Студија за оправданост на територија на Република Северна Македонија, проектот ги идентификуваше најпогодните области во земјата со најголема потреба и потенцијал за консолидација на земјоделско земјиште. Вкупно 21 области со потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиште избрани, 14 физибилити студии изготвени, 9 планови за распределба на земјоделско земјиште дизајнирани и усвоени и еден имплементиран проект за консолидација со изградена земјоделска инфраструктура. 

Мониторинг и евалуација

Мониторинг и евалуација

Проектот ќе воспостави рамка (процедури и алатки) при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за следење и евалуација на резултатите и влијанието на проектот и на идната Национална програма за консолидација на земјиште. Ќе се воспостави и систематски скрининг на влијанијата врз животната средина, како и проценка на проектите за консолидација на земјиште од социо-економски аспект, земајќи ги предвид барањата за правна рамка на национално ниво согласно критериумите на Европската унија. Проектот, исто така, ќе помогне во одредувањето на потребите на интегрираниот Регистар за управување со земјиштето да се развие во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за поддршка на спроведувањето на Националната програма за консолидација на земјиштето.

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ

  • Зголемена свест и разбирање за консолидацијата (окрупнувањето) на земјоделско земјиште од страна на земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште, како и клучните локални засегнати страни;
  • Идентифукувани најпогодни области за консолидација на земјоделско земјиште во земјата;
  • 21 селектирани консолидациони подрачја, 14 физибилити студии за консолидација, 9 планови за распределба на земјоделско земјиште дизајнирани и усвоени, 1 имплементиран проект за консолидација со изградена земјоделска инфраструктура;
  • Зајакнати административни и управувачки капацитети за спроведување на Националната Програмата за Консолидација на Земјоделско Земјиште;
  • Воспоставена рамка за мониторинг и евалуација на проектите за консолидација на земјоделско земјиште (вклучително проценка на влијанието врз животната средина и социо-економските состојби)

НОВОСТИ

Љупчо Ангеловски е млад семеен земјоделец од село Егри, Северна Македонија, кој потекнува од семејство со долга традиција во земјоделско производство. Oткако преземал водечка улога во семејното земјоделско стопанство, тој ја сфатил важноста на модернизирање на производството и воведување на одржливи, продуктивни земјоделски практики. Но, неговото земјиште беше расцепкано на 15 мали парцели оддалечени на различни локации. 

Љупчо е силен застапник за консолидација на земјиште и еден од 214 сопственици на земјиште кои учествуваат во проектот МАИНЛАНД во Егри. Тој е многу среќен што Егри е првиот проект за консолидација на земјиште во Северна Македонија по принципот на распределба со промена на границите, откако Планот за распределба на земјиштето беше усвоен со мнозинство гласови на сопствениците во јануари 2020 година. Планот за распределба на земјиштето во Егри кој зафаќа 336 ха земјоделско земјиште, резултираше со скоро четирикратно намалување на бројот на парцелите (од 874 на 260), со просечна големина на парцела од 1,30 ха, во споредба со 0,38 ха пред консолидацијата. Парцелите сега имаат правилна форма и овозможуваат подобри земјоделски практики. 

Преку проектот МАИНЛАНД, земјиштето на Љупчо е консолидирано во три парцели со правилна форма и просечна големина од два хектари, за разлика од само 0,4 хектари претходно. Парцелите сега имаат подобар пристап до земјоделската инфраструктура, благодарение на проектот кој ги подобрува пристапните патишта и системите за одводнување и наводнување. Овие подобрувања се очекува да ја зголемат ефикасноста на користењето на земјиштето, да ги подобрат приносите и да овозможат модернизација, поголема продуктивност и конкурентност на земјоделското производство.

За младите земјоделци во македонското село Спанчево, консолидацијата на земјоделското земјиште е многу повеќе од едноставно окрупнување на парцелите. Консолидацијата е можност да се подобри целокупната структура на земјоделското земјиште, вклучително и земјоделската инфраструктура - подобар пристап до нивите и јавните патишта, како и обновување на системот за одводнување. 

Преку одржливо управување со земјоделското земјиште и водните ресурси, малите земјоделци во Спанчево не само што ќе можат да ја подобрат сигурноста на храната и нивната отпорност, туку и да ја пренесат традицијата на оризопроизводството на помладите генерации.

 

 

Share this page